Кампањата „Помалку отпад“ е дел од интернационалната програма „Млади репортери за животната средина“ која ја реализира Здружението на граѓани ОХО како дел од Програмата наменета за средните училишта. Кампањата е интернационална во која се вклучени десет држави, а оваа година се приклучува и Македонија.

Како што пренесува „Макфакс“, целта на кампањата „Помалку отпад“ е да се намали отпадот и да се влијае врз долгорочна промена во однесувањето кај учениците и пошироката јавност.

Како дел од активностите на Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, програмата „Помалку отпад“ се спроведува во сите средни училишта во земјата.

Учениците од средните училишта, како дел од програмата „Млади репортери за животната средина“ кои ќе учествуваат во кампањата „Помалку отпад” треба да истражуваат локални проблеми поврзани со отпад, на пример влијанието на отпадот врз локалниот животински и растителен свет или човечкото здравје, производите или амбалажите кои луѓето најчесто ги фрлаат, итн. Откако ќе се истражи проблемот треба да изработат новинарски дела како што се статија, фотосторија или видео записи. Новинарските дела треба да вклучуваат предлог решенија за намалување на отпадот.

Учениците се поттикнати да ја издаваат и/или шират нивната работа на веб-страницата на кампањата и преку други медиуми (социјални мрежи, блогови,печатени и ТВ медиуми итн.).

Сите подетални информации за активностите на кампањата согласно интернационалниот календар може да се добијат на интернет адресата: http://yre-litterless.org/mkd/calendar/.

OhridNews
извор:„Макфакс“