Денеска во Охрид започнуваат дводневните свечености во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која годинава се одбележуваат 123 години од смртта на Григор Прличев, кој е еден од најистакнатите македонски писатели од времето на ромнантизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век.

Со почеток во 11 часот во охридската библиотека ќе се одржи настанот „Низ творештвото на роднокрајните автори“, Коста Фортомар, Есад Бајрам, Славе Ѓорго Димоски и Димитар Пандев. Веднаш потоа во Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на фотографии од колекцијата на оваа институција, а точно напладне ќе се одржи Свечена академија, посветена на наградената поема за 2015 година, „КИРИЛ 1830-КИРИЛ 2001“ од авторот Глигор Стојковски.

Со почеток во 13:30 часот ќе има полагање на Ловоров венец и свежо цвеќе на бистата на Григор Прличев пред охридската библиотека. Во рамки на оваа прилика своја беседа ќе прочита Јован Стрезоски, член на Друштвото на писатели на Македонија. Во 14 часот во Прличевата одаја ќе се оджи традиционалната Охридска визита, а во 19 часот учениците од ОУ „Григор Прличев“ ќе одржат свечена приредба во Центарот за култура.

Свеченостите  продолжуваат утре во 11:30 часот со полагање на свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев, а годинешните случувања посветени на ловроносецот, ќе завршат во 12:30 часот во спомен куќата на Прличев, каде што проф. Д-р Георги Сталев Поповски ќе се одржи  „Слово за Прличев“.

OhridNews