Вечерва во Охрид започнува првиот Интернационален салса фестивал во
Македонија – “Охрид салса камп 2011”, во организација на танцов клуб „Спорт денс
нова“ од Скопје. Овој настан кој ќе трае до недела и е од музички, танцов и
спортски карактер.

Целта на Интернационалниот салса фестивал е
да се популаризира салса и латино музиката преку работилници по танц (салса,
бачата, регетон, афро румба, руеда де казино) и на нашите простори. Тоа
претставува уште еден начин за обединување и дружење на луѓето со желба за
танцување, следејќи го глобалниот растечки тренд на популарност на овој вид
музика и танци.


Ќе учествуваат над 150 домашни и 250 странски
гости од Унгарија, Полска, Шпанија, Швајцарија, Словенија, Турција, Србија,
Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија и  други.

Главниот настан на овој Фестивал е концертот
на моментално најпопуларниот и најбараниот бенд од Куба – Педриот Калво јуниор
и Оркестра. Концертот ќе се одржи на 16 јули во сабота на плажата Куба Либре во
Охрид со почеток во 22 часот.

Педрито Калво јуниор е син на најголемиот и
најпопуларниот кубански пејач  Педро
Калво, роден во Хавана. Се школувал во неколку реномирани музички училишта во
Куба, со специјализација гитара и пеење.

Неговата професионална кариера ја започна
кога стана дел од неколку познати кубански бендови како и  кубански оркестар на неговиот ултра популарен
татко, каде учествува во создавањето на неколку успешни албуми.

Неговата кариера од година во година станува се
поблескава и остава печат на препознатлив бренд со потекло од Куба.  Соработувал 
со веќе познатите Ибрахим Ферер, Омара Портуондо, Пио Леива, Лос Ван Ван,
Амадито Валдез и Барбарито Торес.

Ова е четврти 
Салса фестивал кој го организира танцовиот клуб Спорт денс нова, а прв од ваков интернационален карактер со навистина
оригинални и уникатни содржини и огромен број странски посетители.

OhridNews
извор: Makfaks