Од денес до 1- ви август, Охрид ќе биде домаќин на првиот Фестивал на пивото. Љубителите на пивото, на „Билјанини извори” ќе може да изберат што ќе пробаат помеѓу педесетина домашни и странски брендови на пиво по специјални цени. Уживањето ќе биде збогатено со соодветна храна и забава.

Во однос на музичката програма, како главни гости на трите фестивалски вечери ќе бидат: Ареа од Гостивар и Белградските групи: Рибља чорба и Ван Гог. Од останатите изведувачи, внимание предизвикуваат настапите на: Владо Јаневски, Слаткаристика, Кочани оркестар, Агушеви оркестар, Дуле и Коки и Деј оф.

Според програмата, секој ден од 17.30 до 20.30 часот ќе се одвива програмата „Журка после плажа” на која ќе настапат македонски диџеи. Потоа ќе следуваат настапи на артисти и бендови според претходно утврдена програма. Крајот на секој ден од „Пиво фест” ќе биде заокружен и одбележан со журка на која ќе се пуштаат ретро хитови од 70-тите, 80-тите и 90-тите години на минатиот век.

Влезот за сите посетители ќе биде бесплатен.

Ohridnews