Врз основа на член 4 од Уредбата за учество на јавноста во текот на изработка на прописи и други акти, како и планови и програми од областа на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање започна постапка за донесување на Нацрт Закон за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.
Донесувањето на Законот произлезе од потребата Охридското Езеро повторно да се прогласи за заштитено подрачје во категоријата „Споменик на пририродата“ – категорија III, согласно Законот за заштита на природата на Република Северна Македонија како и поради своите уникатни светски природни и културни вредности како и геоморфолошките и хидролошките карактеристики. Нацрт законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата наскоро ќе биде објавен на порталот на www.ener.gov.mk., информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Министерството додаваат дека за датумот на одржување на јавната расправа, јавноста ќе биде навремено информирана.
Со донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствена природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.
OhridNews
фото. Б. Стојаноски