Со цел збогатување на понудата на градот пред и после новогодишните празници, локалната самоуправа го започнува проектот „Од 20-ти до 20-ти – СИТЕ ВО ОХРИД“.
Тоа значи дека во периодот од 20-ти декември до 20-ти јануари на охриѓани и гостите ќе им бидат понудени бројни содржини, наменети за сите, особено за најмладите.

– Општината од буџетските средства издвои онолку средства колку што можеше во овој момент за да претставиме едно ново прославување на празниците и на тој начин Охрид да почне да креира една нова празнична понуда. Тоа би значело проширување на туристичката сезона пред и после Нова година, всушност поврзување на сите празници. Сакаме да ја поддржиме локалната економска заедница и градот да има повеќе гости за време на празниците, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Настаните ќе се одвиваат на неколку локации. Ќе има и Чоколадна улица, на потегот од продавницата „Бако“ до Стариот Чинар, на која ќе бидат поставени штандови на кои ќе се претстават фирмите кои произведуваат чоколади и слатки производи.

– Ова ќе биде едно интимно парче од градот кое ќе донесе нов квалитет на понудата. Ќе се искористи и просторот кај старата градска библиотека, како и просторот кај фонтаната кај Мини маркет каде ќе се одржи една претстава за младите. Ќе има и промоции на книги, театарски претстави, забава за деца, музички дел. На градскиот плоштад ќе има секојдневна детска програма, а ќе биде поставена и големата сцена, објаснува Сашо Митаноски од Супер Радио кое е дел од проектот.

Од локалната самоуправа најавуваат дека наредната година ќе има и поголема организација и соработка со угостителите се со цел да има што подобра и поквалитетна понуда.

Од страна на угостителите, за наредниот период, најавени се и попусти за сместувањето на гостите кои доаѓаат од градовите со висока загаденост на воздухот.

OhridNews