Општина Охрид објави јавен оглас за пријавување на приватните станоиздавачи од мал обем со цел субвенционирање на туристичката  такса во висина од 50%.

Како што потенцира градоначалникот Никола Бакрачсеки, оваа мерка значи реализација на уште едно дадено ветување на локалната самоуправа, за чија цел по одлуката донесена на советот на општина Охрид од буџетот на општината се издвоени 1 милион  и 800.000 денари.

Субвенционирањето од  50% од туристичката  такса подразбира 20 денари од секое ноќевање кое станоиздавачите од мал обем уредно го пријавиле, рече Бакрачески.

Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, истакна дека идејата за субвенционирање на туристичката такса  произлегла поради прикривањето  на дел од ноќевања во приватниот сектор, што се случувало во изминатите години од страна на приватните станоиздавачи кои иако уредно воделе документација,во целост  не ги пријавувале остварените ноќевања.

Се одлучивме наместо репресивни , да воведеме стимулативни мерки. Приватните станоиздавачи треба да исполнат одредени критериуми и да ги следат законските  нормативи и должности според законот за вршење на туристичка  дејност за да можат и да поднесат пријава за субвенционирање на 50% од уплатената  туристичка  такса. Наплатата ќе се одвива во два временски интервали од 01.01 до 30.06 и од 01.07 до 31.12, појасни Апостолов.

Тој додаде дека мерките кои се преземаат веќе вродиле со плод за што доказ се податоците според кои во периодот од 1- ви јануари 2014 до 31- ви март во општинската каса се слеале 849.021 денари, што е за 39% повеќе од минатата година.

Т.К.