Денеска започнува приемот на документи за упис на ученици во спортските паралелки по ракомет и фудбал, кои од оваа година се отворени во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид. Од училиштето информираат дека документите ќе можат да се достават и во текот на утрешниот ден, кога ќе бидат објавени и резултатите од уписот.

Кандидатите за упис во овие паралелки, претходно беа селектирани од стручна комисија. Селекцијата се вршеше по региони низ цела територија на Република Македонија и се одвиваше во три фази: Скаутирање од стручни лица; Селекција од стручен тим и Тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.

Покрај двете спортски паралелки, во охридското угостителско училиште, во учебната 2014/2015 година се очекува да бидат запишани 272 ученици во 8 паралелки, според наставните планови и програми за стручно образование за профилите: келнер, готвач, угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам и хотелско-туристички техничар.

Приемот на документи за угостителско-туристичката струка ќе се одвива на 23-ти и 24-ти јуни 2014 година, а резултатите ќе бидат објавени на 25-ти јуни 2014 година.  

OhridNews