Најавените монсунски дождови може многу да ги отежнат напорите на спасувачите да ги извлечат заробените деца од пештерата во Тајланд. Освен ова, лоша вест за нив е и тоа што медицинските прегледи покажале дека децата сè уште не се доволно силни за да се обидат да изнуркаат, објави Си-ен-ен. Поројниот дожд кој се очекува в недела би можело значително да го зголеми нивото на водата во пештерата и да го поплави џебот во кој се засолни групата.

 

Новите службени медицински извештаи покажуваат дека две момчиња страдаат од исцрпеност и неухранетост, а поранешниот морнарички спасувач Кејд Куртли оценил во интервју за Си-ен-ен дека нуркањето треба да биде последна опција затоа што таквиот обид најверојатно ќе доведе до смртни случаи.

„Ќе им ставите боца за да дишат под вода, а некои од нив не знаат ни да пливаат. Има многу начини како нуркањето може да тргне на лошо. За разлика од нуркање во океан каде ако имате проблеми со опремата може да изнуркате на површина, тоа не може да се случи во овие тунели“, предупредил американскиот нуркач.

Децата на возраст од 11 и 16 години и нивниот 25-годишен тренер 12 дена се заробени во пештера, а нуркачите ги пронајдоа во понеделникот на гребен оддалечен четири километри од влезот на пештерата.

Во изминатите денови во регионот Чианг раи каде се наоѓа пештерата беше суво, па спасувачите успеаја да испумпаат од пештерата голема количина вода. До денес испумпале 128 милиони литри вода, а нивото во пештерата во просек се намалувало за по 1,5 сантиметар на час.