100 палми ќе го красат централното градско подрачје на Охрид, приодите кон и од градот. Првите палми во рамки на есенската акција за пошумување што е дел од проектот Ден на дрвото- засади ја својата иднина, беа засадени денес, крај градскиот кеј од страна на градоначалникот Никола Бакрачески и директорот на ЈП Македонски шуми, Жарко Караџоски.
Како што појасна Караџоски, станува збор за влакнеста палма која одговара на условите од нашето поднебје.
– Зошто Охрид да не биде препознатлив по палмите. Водно некогаш беше само камен предел, немаше дрва а сега е познат по богатата шума каде веќе има и жичара. Нашите стручни служби извршија анализи и беше донесен заклучок дека во Охрид треба да се засади овој вид, влакнеста палма која издржува и на температури и до минус десет степени. Станува збор за млади садници, поради што на ЈП Охридски комуналец ќе му дадеме упатства одржување во зимскиот период, рече Караџоски.
Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека станува збор за племенита активност која се реализира во соработка со владата и јавното претпријатие Македонски шуми и дека палмите ќе се засадуваат на атрактивни локации во градот.
– Сметаме дека на овој начин ќе дадеме придонес во хортикултурното уредување на градот и во разубавувањето на централното градско подрачје се со цел Охрид да биде убаво место не само за гостите, туку и за жителите. Ова само почеток, во иднина во соработка со Македонски шуми и ЈП Охридски комуналец планираме да спроведеме уште неколку активности за уредување на зелените површини. За две до три години Охрид ќе биде најубаво уредениот град во Македонија, изјави Бакрачески.
Како што беше најавено од страна на директорот на ЈП Македонски шуми бројот на засадени палми од година во година ќе се зголемува. Викендов 100 палми беа засадени во Дојран, а 30 во Струга.
Т.К.