Охридскиот театар работи во најлоши услови, но засега нема пари за изградба на нова театарска зграда. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски вели дека проблеми освен во Охрид има и во други театри и културни институции.
-Наша заложба е да се подобрат условите на сите институции од културата, меѓутоа ние рековме пред да преминеме во нови градби приоритет би ни било санација на постојната инфраструктура. Охридскиот театар е еден од театрите коишто имаат реални проблеми, но исто така Прилепскиот и Штипскиот театар работат во многу лоши услови. Наша цел е секако да им помогнеме, но од друга страна треба да знаете дека преку 20 институции пријавија проблеми со прокиснување, голем број имаат проблеми со греење. Проблемите во културата се наталожени, ние имаме политичка волја да ги решаваме, но сето тоа ќе зависи и од буџетските средства со кои располагаме. – рече министерот Алаѓозовски при вчерашната посета на Центарот за култура во Охрид.
Во однос на проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, за кој во буџетот се предвидени средства за негово завршување во 2018 година, министерот Алаѓозовски истакна дека договорите се такви што не постои начин да се запре исплаќањето на договорните обврски. Во спротивно државата ќе треба да плаќа затезни камати на изведувачите, додаде министерот за култура.
Г.М.












