Заштита на Охридското Езеро преку примена на Дујунов моторите, односно нивно вградување во пловните објекти била во фокус на двете одржани средби во Охрид, една помеѓу претставници од компанијата „Соларгруп“ со градоначалникот Кирил Пецаков и првиот човек на Капетанија Горан Устијаноски, а втората при одржаната Презентација и дебата за Проектот „Моторите на Дујунов“ во мaлата сала на Општина Охрид.
По препорака на директорот за односи со јавност, Павел Филипов кој беше дел од тимот во Охрид, техничкиот директор Андреј Лобов пред една недела порача дека е подготвен пилот проект за монтажа на мотор на електричен погон на пловен објект на нашето езеро со сила од 9,8 кс и монтажа на соларни панели на истиот. Со тоа би го започнале и големиот проект за заштита на Охридското Езеро, порача Горан Настески од тимот на „Соларгруп“ од Охрид.
Компанијата „Соларгруп“ е производител на електромотори за сите намени и нивна употреба во автомобилската индустрија, за сите пловни објекти, примена во индустријата и сите места каде што има потреба од нивна употреба, напомена Васко Попоски, национален претставник на „Соларгруп“ во Македонија.
Како компанија сакаме да понудиме предлог план за замена на старите мотори на сите пловни објекти во Охридското Езеро со нови електромотори и со таа цел би се заштитило Охридското Езеро од загадување. Ја нудиме врвната технологија „Славјанка“ со нејзините сериозни еколошки придобивки, истакна Попоски.
По презентацијата се разви дискусија, која уште еднаш ја покажа важноста на заштитата на езерото и можностите за чиста енергија и стопанисување кои ги нудат производите на „Дујунов“.
Охридскиот екологист Лазо Наумоски зборуваше за важноста на заштитата на животната средина и Охридското Езеро, особено од аспектот на важноста на водните ресурси за Европа и нашето ЕУ интегрирање, а беа изнесени и корисни предлози за да се направи обид за етапна замена на моторите на чамците и глисерите во езерото. Се напомена дека е важно да се направи детална анализа за нивна замена, а се потенцираше и важноста за законски норми кои би ја опфатиле оваа регулатива, во насока на стимулација на корисниците да извршат замена, со што ќе заштедат и ќе ја заштитат животната средина.
Ѓоко Наумовски, сопственик на бродот „Армада“ ја поздрави идејата за менување на старите мотори со нови, електромотори, но истакна дека мора уште да се работи на развивање на технологијата, особено на моќноста на моторите.
Станува збор за тешки бродови, за чие движење е потребно голема моќност. Ако на тоа се додадат и временските услови, силен ветер, струи и високи бранови, некогаш е потребна голема сила за да не се доведе во прашање безбедноста на патниците, напомена Наумовски.
На средбите станало збор и за можно отворање на погон за производство на електромотори во Охрид и нивно сервисирање, што се посочи дека е „одлична идеја за понатамошно реализирање“.
Во пресрет на летото најавен е пилот проект, односно прилагодување на пловен објект со соларни панели и електромотор за да се направи конкрена проба и тестирање. Екипа од компанијата ќе дојде во Охрид за да се направи анализа за можностите за користење во овие производи во Охридското Езеро. Потоа ќе се изработи и комплетен елаборат и предлози за негово имплементирање.
OhridNews