Доколку државата не обезбеди средства за заштита и функционирање на националниот парк „Галичица“, јавната установа може да биде приморана да го врати стариот начин на финансирање преку експлоатација на шумите, предупредуваат експертите од ЈУНП „Галичица“. Посочуваат дека Галичица е прогласена за заштитено подрачје со одлука на републичкото Собрание и оти меѓународна пракса е заштитата на природата во категоријата заштитено подрачје национален парк да биде финансирана од јавни пари.
За жал во Република Македонија националните паркови се препуштени на самофинансирање, односно сами треба да ги обезбедат средствата со кои ќе се врши заштита и управување со националниот парк. Во минатото сите три национални паркови се финансираа главно од директно користење на шумските ресурси Тоа не е препорачано од меѓународните организации кои се активни на полето на заштита на природата. Имајќи го ова предвид, ЈУНП Галичица вложи големи напори да се ослободи од директно користење на шумите како основа за финансирање на заштитата и, со последниот план за управување усвоен во 2021 година, ние донесовме одлука повеќе да не ги користиме шумите за финансирање на заштитата, туку средства да користиме од индиректно или меко користење на природата на паркот, главно преку наплата на влезници, но и склучување на договори со вршители на дејности внатре во паркот. – вели Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природа во НП Галичица.
На ваков начин ЈУНП Галичица успева да обезбеди само половина од потребните средства потребни за непречено фунционирање и заштита, другата половина ја добиваме од донации, главно од Фондот за доверба во Охридско – преспанскиот регион – ПОНТ, посочува Бојаџи.
Без нивна финансиска помош, ако не интервенира државата, ние ќе мора да се вратиме на стариот начин на финансирање преку директно користење на шумите. Се надевам дека нема да дојде до тоа и дека државата ќе најде начин да се обезбедат средства со кои ќе се финансира заштитата во паркот. – додава тој.
Има повеќе можности за финансирање на НП Галичица, покрај буџетот на државата. Се повеќе земји се обидауваат да го решат финансирањето на парковите преку наплата на екосистемски услуги. Законот за заштита на природа дава таква можност кај нас, укажува Бојаџи.
Но, во моментов, пола од буџетот ни е од германските даночни обврзници, а пола од влезници. – потенцира Бојаџи.
Г. Момироски