„Заштити се од кражби и џебни кражби“ е превентивно – едукативната кампања што Отсекот за превенција при СВР Охрид интензивно ја спроведува во екот на туристичката сезона со цел заштита на граѓаните и туристите кои престојуваат во Охрид од сторители на кражби, џебни кражби и други имотни деликти.

Полициски службеници од Отсекот за превенција на различни локации во градот остваруваат средби со граѓаните и туристите и низ кратки разговори ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени. Притоа, им се укажува на можните начини на вршење на овие кривични дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти, информираат од МВР.

На граѓаните и туристите, посочуваат, им се делат и едукативни летоци со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура.

Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое, велат од МВР, подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици што ќе придонесе за зголемена јавната безбедност.

OhridNews