Воведување на заштита клаузула што би овозможила лесна суспензија на безвизниот режим за земјите од западен Балкан е една од можностите со кои Европската Унија би се обидела да го запре бранот лажни азиланти, пренесува „Макфакс“.

Ваквиот предлог, кој за да стапи на сила треба да биде одобрен од Европскиот Парламент, според тврдењето на шведскиот министер за миграција и азил Тобиас Билстром, наишол на поддршка меѓу министрите за внатрешни работи и правда, кои синоќа се сретнаа во Луксембург.

„Не охрабрува големата поткрепа за воведување на заштитната клаузула”, изјави Билстром, по одржувањето на состанокот инициран од Шведска, Германија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембрург поради напливот на лажни азиланти, главно од Србија и Македонија.

Ако дојде до договор меѓу Советот и Европскиот Парламент, секоја држава-членка ќе може при вонредна ситуација да се повика на заштитната клаузула за суспензија на безвизниот режим.

Потоа, Комисијата би го оценувала тоа барање и би формулирала предлог што земјите-членки треба да го прифатат со квалификувано мнозинство.

„Некои земји членки се силно загрижени, бидејќи во однос на минатата година бројот на баратели на азил е зголемен за 75 отсто”, изјави Комесарот за внатрешни работи Сесилија Малстром.

Таа наведе дека следната недела во Тирана ќе се состанат со министрите за внатрешни работи од регионот со цел надминување на проблемот и намалување на опасноста за суспензија за безвизниот режим.

Од Европската Комисија се бара земјите од регионот да ги превземат неопходните мерки за проблемот да биде решен.

OhridNews
извор:„Макфакс“