На покана на Министерството за внатрешни работи, денес, се одржа состанок на Директорите на полициите и Шефовите на граничните служби  на Република Македонија, Република Србија, Република Хрватска, Република Словенија и Република Австрија.  Директорите на полиции од регионот ја претставиле  состојбата во нивните земји во однос на справувањето со мигрантската криза. При тоа присутните се согласиле дека: соработката помеѓу полициските служби на земјите учеснички е добра и дека ќе се продолжи да се работи на нејзино натамошно продлабочување. Нагласено било дека навремената размена на информации за случувањата долж миграциската рута, како и воведувањето на нови мерки и процедури со соодветен рок за имплементација,  е клучна за избегнување на тензични ситуации на границите долж мигрантската рута и ефикасно управување со миграциските текови како и справувањето со криумчарењето на мигрантите.

Било договорено дека ќе бидат направени напори за стандардизација на регистрација на мигрантите и воспоставување јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ рутата. За таа цел неопходни се стандарди за регистрациските методи и постапки, што вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни, внесување на личните податоци добиени преку регистрацијата во националната база на податоци и размената на тие податоци со сите засегнати страни.
 
На состанокот било заклучено дека на лицата кои немаат патни документи, а со себе носат фалсификувани патни документи или кои имаат погрешни изјави за нивната националност или идентитет нема да им се дозволи влез на границата. Тоа ќе придонесе кон подобра контрола на границите и превенција на злоупотреба на рутата од мигранти на кои не им треба меѓународна заштита и кои сакаат влез во Европа за други цели.

OhridNews