Охридската сообраќајна полиција деновиве ги засили контролите на моторциклистите, поради зачестената појава на непочитување на прописите од страна на овие учесници во сообраќајот.

-Во последно време, за жал, се почесто се забележуваат моторциклисти без заштитна кацига, а тоа речиси редовно е случај и со нивните совозачи. Со цел да се заштитат овие учесници во сообраќајот од несакани последици при евентуални незгоди, сообраќајната полиција ги засили контролите и ќе има нула толеранција за моторциклистите и нивните сопатници кои ќе бидат затекнати без заштитна кацига.-изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Неодамна во сообраќајна несреќа во Охрид со тешки телесни повреди се здоби моторциклист, кој на себе немал заштитна кацига, посочуваат од полицијата. Оттаму апелираат до моторциклистите да ги почитуваат законите и да носат заштитна кацига која може да им го спаси животот во несакани ситуации.

OhridNews