Во текот на вчерашниот ден, во времето од 13 до 19 часот активностите беа насочени кон возачите на моторни возила и моторцикли при што контролирани биле вкупно 120 учесници од овие категории.
– И покрај досегашните укажувања, насоки и апели, и понатака евидентна и несфатлива е неупотребата на заштитните кациги-шлемови кај дел од моторциклистите. Кај нив но и кај возачите на други моторни возила евидентирано е управување на возилата со измината важност на сообраќајната дозвола, бесправно управување со моторно возило, неносење возачка дозвола и други прекршоци. По тие основи, сообраќајната полиција од сообраќај исклучи три возила и возачи, изрече шест превентивни предупредувања и четири платни налози за наплата на глоба, информираат од СВР- Охрид.
Оттаму додаваат дека во пресрет на главната туристичка сезона, мерките на полициските службеници ќе бидат интензивирани и кон пешаците кои не ја почитуваат вертикална и хоризонтална патна сообраќајна сигнализација и преминуваат коловози на необележани места.
Превентивни но и други мерки ќе се преземаат кон неправилно и непрописно паркирани моторни возила на пешачки премини, во крстосници, на тротоари на пешачки и велосипедски патеки и на други места каде се попречува нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Превентивни казнени мерки кон учесниците во сообраќајот кои ги нарушат законските одредби ќе се спроведуваат во текот на целата туристичка сезона.
– Оттука повикуваме на почитување на сообраќајните правила и прописи посебно на носење и користење на заштитните кациги од страна на возачите на мотори и моторцикли, велат од СВР- Охрид.