​Тимови од полициски службеници и шумската полиција лишија од слобода две лица од струшкото село Подгорци, кои биле затекнати при нелегална сеча на 43 букови стебла. Настанот, како што информираат од МВР, се случил вчера попладне во месноста Подгоречки бачила.

На 16.10.2026 во 17:00 часот во месноста Подгоречки бачила, атар на струшкото село Подгорци, лишени од слобода се две лица на возраст од 46 и 45 години од истото село. При преземање координирани мерки, тимови од полициски службеници и од Шумската полиција, ги затекнаа при нелегална сеча на 43 стебла буково огревно дрво кои потоа ги товареле во патнички возила „опел“, „застава“ и „сузуки“ за нелегален транспорт, информираат од МВР.

Додаваат дека по насоки на јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против двете лица ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик „Пустошење шуми“.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека се засилени контролите преку шумската полиција и во изминатиот период имаат реализирано повеќе успешни акции кои што ќе продолжат во иднина заедно со сите останати институции кои што се засегнати за сузбивање на овој вид на криминал.

Во текот на септември и во почетокот на октомври беа запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и поднесени 140 пријави. Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и превоз на дрва. Акциите се спроведуваат паралелно со секојдневните редовни контроли, со посебно внимание на подрачјата каде што поизразено дејствуваат организирани групи на дрвокрадци. Контролите се насочени и кон сузбивање на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, а со кои се нанесува значителна штета на шумскиот фонд, посочуваат од Министерството.

Воедно апелираат до граѓаните во пресрет на грејната сезона да купуваат огревно дрво само од лиценцирани продавачи и складови.

OhridNews