Од локалната самоуправа за оваа туристичка сезона најавуваат засилени мерки за решавање на проблемот со чекачите, односно нелегалните станоиздавачи кои во летниот период во најголем број ги има на автобуската станица и во централното градско подрачје, а кои нападно им го нудат своето сместување на туристите кои пристигнуваат во Охрид.
Од секторот за туризам и локален економски развој информираат дека одржан е состанок со надлежните органи за решавање на проблемот и предвидени се мерките кои ќе се преземаат.
– Формирани се тимови кои во соработка со СВР- Охрид и пазарната инспекција ќе вршат засилени контроли, вели раководителот на ТЛЕР,Ѓоко Апостолов.
Со цел отстранување на проблемите во областа на туризмот ќе се врши и кампања за запознавање на туристите за сопствените права, како да наоѓаат сместување, а наскоро се очекува и отворање на телефонска линија на која гостиите ќе може да ги пријавуваат своите поплаки и сугестии.












