Во пресрет на денешното ракометно езерско дерби, помеѓу екипите на ракометните клубови Охрид и Струга, СВР Охрид, презема низа превентивни мерки, кои се одвиваат во рамките на проектот „Стоп на насилството во спортот“.

Во текот на вчерашниот ден, претставници од оделението за превенција во Охрид и Струга, одржаа работни средби со лидерите и членовите на навивачките групи „Рибари“ од Охрид и „Паткари“ од Струга. 

-Работните средби имаат едукативен карактер со цел, кај навивачките групи, да се постигне подобра внатрешна организација, да се води грижа за однесувањето на спортските терени, контрола на агресијата и неопходност од избегнување на провокативни испади на поединци и групи. Посебен акцент беше ставен на неопходноста од почитување на одредбите од законот за спречување насилство и недостојно однесување во спортот, според кој, ке бидат соодветно казнено третирани сите предизвикани инциденти на спортските терени.-информираат од СВР Охрид.

 
Во рамки на превентивните мерки од страна на полициски службеници, пред почетокот на натпреварот, во спортската арена „Атина Бојаџи“ во Охрид, но и на  играчите на двете екипи ке им се поделат пригодни едукативни флаери со логото „Спорт Да,насилство НЕ“.    
    
Проектот „Стоп на насилството во спортот“ е превентивна кампања што СВР Охрид ја  спроведува како едукативна акција низ типизирани предавања и видео презентација пред се со навивачките групи како и со членовите на советодавните групи граѓани.

Целта е подигнување на степенот на безбедносната култура кај  навивачите, акцентирање на потребата од безпрекорна безбедност на спортските натпревари, негување на спортскиот дух и спортското навивање без инциденти и запознавање со законот за прекршоци против јавниот ред и мир, другите законски  норми поврзани со недостојно однесување на спортските натпревари и се разбира со соодветните казнени одредби.

OhridNews