Охридските, некогаш меѓу најуспешни компании, Застава, Езерка, Отекс, ЕМО, хотел Фламенго, се на владината листа за таканаречени Brownfield инвестиции, кои ќе им бидат понудени на странски и домашни инвеститори, со цел инвестирање во веќе постоечки капацитети кои што се во сопственост на разни субјекти од државата, преку процес на нивно рекомпонирање, реструктуирање, реновирање и воведување на нови процеси за работа, за производство или извршување на друг вид на дејност.
Демо листата на капацитетите наменети за brownfield инвестиции во текот на следните денови ќе биде објавена на страната на Владата на Република Македонија, на веб страната на Министерството за економија како и на веб страната на Агенцијата за привлекување странски инвестиции.
Владата ја задолжи Агенцијата за привлекување на странски инвестиции да изработи посебна веб страна, каде ќе има детален приказ на листата на капацитети, заедно со фотографија, како и со сите модалитети за одредениот капацитет. Агенцијата за привлекување на странски инвестиции ќе има задача и да ја достави оваа листа до сите дипломатско-конзуларни претставништва, како и до сите економски промотори и да ги нудат на странските инвеститори, но да помагаат и на домашните инвеститори кои што би имале интенција да ползуваат некој од овие објекти.













