Затвореник од охридскиот затвор, кој избегал ноќта кога се случило крвавото убиство на српскиот турист во Охрид, вчера се појави како сведок на судскиот процес што се одржува во прилепскиот суд, пишува во денешното издание „Утрински весник“. Тој, како што пренесува весникот, во исказот тврдел дека инцидентот го предизвикал „крупен Србин“, кој прво нападнал некој помал од него, а потоа го удрил и сопственикот на клубот „Куба либре“ кога тој се обидел да го отстрани од локалот. На ова реагираа адвокатите на семејството на починатиот Дејан Новаковиќ, кои најавија кривична пријава против сведокот Исмаил Мамудовски поради лажно сведочење.

Мамудовски е прв од 15 сведоци што ќе бидат распрашани во текот на судскиот процес за убиството на 34-годишниот српски турист Дејан Новаковиќ, кое се случи лани во Охрид. Тој моментално издржува тригодишна затворска казна во охридскиот затвор, а ноќта кога се случила тепачката, избегал од зад решетките. По убиството, бил фатен од полицијата, која според неговите зборови, го натерала сосила да даде изјава за настанот.

Според него, тепачката во Охрид ја предизвикал крупен Србин, кој откако удрил едно лице, го нападнал и газдата на локалот, првообвинетиот Митре Костовски, кој се обидел да го изнесе надвор. „Исказот е лажен. Ниту бил таму ниту знае што се случувало. За тоа ќе добие и кривична пријава за давање лажен исказ“, најавија адвокатите на семејството Новаковиќ.

За претепувањето до смрт на српскиот турист се обвинети Митре Костовски, косопственик на ноќниот клуб, Илче Јоноски и Драган Ѓорѓевиќ од Лесковац, кој е во бегство, а му се суди во отсуство. Четвртиот, Ѓоко Наумоски, е обвинет за помагање.

OhridNews
извор: „Утрински весник“