
Според јавниот оглас кој ќе биде затворен утре, во оваа Национална установа ќе бидат вработени стручни работници за праисториска археологија и протоисторија, за класична и средновековна археологија и за заштита на сакрална архитектура. Исто така со овој оглас се очекува да се вработат стручни работници за урбанизација и изготвување на заштитно конзерваторски основи, за заштита на хартија, за заштита на камен и керамика, за заштита на фрескоживопис, како и препаратор за заштита на дела од метал и ноќен чувар.
Директорката на Завод и музеј, Тања Паскали Бунташеска вели дека со вработувањето на овие стручни лица ќе се зголеми продуктивноста и квалитетот на функционирање на оваа установа.
-Овие вработувања ни беа многу потребни. Со нив ќе се доекипираме и ќе можеме успешно да одговориме на сите работни обврски кои се предвидени со планот и програмата за работа на нашата установа, вели Бунташеска.
Заинтересираните кандидати за вработување освен општите услови од Законот за работни односи потребно е да ги исполнуваат и посебните услови кои се пропишани во огласот. Изборот на кандидатите ќе се изврши во рок до 7 дена од завршувањето на огласот.
Е.М











