Наплатата на влез за посетителите на археолошкиот локалитет Плаошник каде се наоѓа Свети Климентовата црква Св. Пантелејмон, е воведена за да се покријат трошоците за одржување на црквата, информираат од Дебарско Кичевската епархија, посочувајќи дека тоа било направено во договор со охридскиот Завод и Музеј. Оттаму потврдуваат дека таков договор имало, но не биле известени дека е отпочната наплата на влез во Плаошник, ниту знаат кој ја врши.

-Начелно се договаравме со владиката Тимотеј дека треба да се наплаќа влез во археолошкиот локалитет каде можат да се посетат 300 метри квадратни мозаици заштитени со посебни кровови. Не знаев дека почнало да се наплаќа и не знам кој наплаќа моментално, но постоеше договор да се наплаќа а приходот да се дели на двете институции. Исто така се договоривме на верниците кои одат на служба во недела да не се наплаќа влез, изјави директорката на Завод и Музеј Охрид Тања Паскали Бунташеска.


На локалитетот во тек се интензивни градежни активности, за изградба на музејски комплекс и резиденцијална палата на МПЦ, но тоа според Бунташеска не е пречка да се воведе наплата на влез во Плаошник.

-Се гради западно и источно од црквата. Локациите се заградени со тараби, и посетителите не можат да се повредат. Има посебна патека за движење и посета на објектите. Верувајте и ние мораме да го одржуваме локалитетот, бидејќи  посебнин средства од министерството не добиваме ова е начин да се заработат фианансиски средства и локалитетот да се самоодржува.-рече Паскали Бунташеска.


За влез на Плаошник се наплаќа  100 денари за странски, 50 за домашни туристи а 30 денари за студенти и ученици. Пред влезот на локалитетот каде во тек се градежни работи за возобновивање на Св. Климентвиот универзитет нема известување дека влезот се наплаќа. Тоа го прави лице од куќичката за наплата кој ги довикува посетителите. Дел од нив плаќаат и влегуваат, но има и такви кои при купувањето на туристичкиот аранжман не биле информирани за оваа новина и не сакаат да влезат информираат туристичките водичи.

-Требаше барем да не известат преку медиумите еден месец претходно. И ние водичите не знаевме за ова и сега се соочуваме со незадоволоство. Гостите на кои во аранжманите не им беше предвидено плаќање на влезници за овој локалитет се враќаат, се доведовме во многу незгодна ситуација.-вели туристичкиот водич Стефан Каневче.


Според него проблем е и тоа што нема попуст за групи туристи, што може негативно да се одрази на посетата на Плаошник.

-Не е проблем тоа се наплаќа, бидејќи на запад нормално е да се плаќа за влез во вакви локалитети, но треба да има и елементарни услови, како јавен тоалет на пример. Исто така треба за групи туристи да има попуст, не може да е иста цена за индивидуалци и групи. Во спротивно агенциите нема да имаат интерес да го нудат овој локалитет и ќе има помалку посетители.-дециден е Каневче.


На Плаошник и денеска вриеше од туристи, кои немаа забелешки што се наплаќа влезот во локалитетот.

-Мислам дека вреди. Ова е едно од најпознатите места во светот. Тука лежат останките на светител кој е заслужен за словенстака азбука и затоа мислам дека вреди да се плати за да се види ова место.-ни изјави  турист од Русија.

-Секаде во Европа се наплаќа влез и тоа влезот е од 10 евра па нагоре. Наплатата е сосема нормална работа бидејќи сето ова чини многу пари.-додава турист од Македонија.

Охриѓани кои ги затекнавме  на Плаошник велат дека не треба да се наплаќа влез за жителите од градот, посочувајќи дека многу подобро ќе беше да се изгради целиот комплекс, а потоа да се воведе наплата.

Горан Момироски