Националната установа Завод и Музеј Охрид и поднесе кривична пријава на поранешната директорка на установата за неспроведување на судска одлука за спор за потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“, што предизвикало финансиска штета на буџетот од 7.561.507 денари, или околу 123.000 евра. Ова денеска на прес конференција во Охрид го објави министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој ја извести јавноста дека дека поради извршно решение сметката на Завод и Музеј Охрид е блокирана.

-Станува збор за обемен предмет, судска постапка која се водела пред Основниот Суд – Охрид уште од 2008 година, во време кога директор на Завод и Музеј – Охрид била Тања Паскали Бунташеска. Оваа постапка завршила со правосилна пресуда за вознемирување на правото на сопственост на тужителот од страна на тужениот Завод и Музеј – Охрид во декември 2009 година. Со пресудата Завод и Музеј – Охрид бил задолжен да отстрани делови од градби – ѕидови од парцелата на тужителот. Но, поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид не го сторила тоа, а тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд во Битола, со која биле изречени пенали од 3000 денари дневно. – истакна на прес конференција во Охрид министерот Алаѓозоски. 

Тој посочи дека и покрај пресудата одговорното лице во Завод и Музеј – Охрид не постапило кон рушење на ѕидовите, со што би се избегнало плаќањето на пеналите.

-Како последица од ова непостапување, се насобрале судски пенали во износ од 2.322.290 денари, што е повеќе од 700 денови доцнење со извршувањето на пресудата. Оваа сума која е исплатена на тужителите, е директна штета на установата и на буџетот на РМ. – подвлече Алаѓозовски.

Министерот за култура посочи дека непостапувањето продолжило уште неколку години и по основ на истата пресуда на 24.10.2017 година, преку извршител, за дневни пенали тужителот ја бликирал сметката на Заводот и Музеј – Охрид. Алаѓозовски истакна дека за проблемот актуелното раководство не било известено при примопредавањето на функцијата директор.

-Овој пат, сумата на налогот за извршување е во износ од 5.239.217 денари, што претставува повеќе од 1700 денови или повеќе од 4 години неизвршување на пресудата. – иајави Алаѓозовски.

Обврската за уривање на ѕидовите по судската постапка конечно била исполнета на 5.12.2017 година за неколку часа и за трошок од 30.000 денари, нагласи на прес конференцијата министерот Алаѓозоски.

OhridNews