Денеска со презентацијата на извештајот, заврши мисијата на јапонските експерти кои еден месец преку документација и преку директна работа на терен ги согледуваа проблемите и недостатоците на колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро на македонска страна. Мисијата опфати снимања на состојбата на цевките низ колекторскиот систем со директен влез во шахтите, потоа преглед на целокупната постојна документација и средби со сите стручни и политички фактори во општините Охрид и Струга.

Според извештајот јасни се проблемите со колекторскиот систем кој во најголем дел доаѓаат од мешањето на атмосферските во фекалните води како и од лошата состојба на цевките на добар дел од трасите. Исто така посочено е дека недовршениот дел како што е југоисточната траса ќе треба да се решава со посебни пречистителни станици.

Преставниците на јапонската мисија овој извештај ќе го поднесат пред Министерството за животна средина и Министерството за финансии на Република Македонија по што следува финалниот извештај со предлог проекти и зафати кои треба да се изведат.

Реално е да се очекува дека ќе се утврдат приоритетите и согласно тоа покрај јапонската влада ќе се бараат и други финансиски донатори за изведба на приоритетите.

– Како Министерство за животна средина и просторно планирање на РМ и МЈП Проаква инициравме, лобиравме, пишувавме,работевме на терен за да дојдеме до овој момент во кој е сосема јасно дека веќе е неопходна реконструкција на колекторскиот систем кој сведоци сме и деновиве се почесто крахира. По стручните верувам дека и политичките и финансиските преговори ќе бидат успешни по што ќе може да се започнат инфраструктурни активности.Процесите и активностите ќе бидат долготрајни,тоталната сепарација на пример би траела деценија,но едногласни сме дека ова е генерациска шанса да се осигура заштитата на Езерото а со тоа и иднината на Охрид и Струга – изјави Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, при министерството за животна средина и просторно планирање.

OhridNews