Градоначалникот Никола Бакрачески денес, придружуван од претставници од стручните служби во локалната самоуправа и месната заедница, изврши увид во Пештани врз градежните активности кои се во тек.

Од она што можев да го видам на терен задоволен сум од текот на изведување на работите. Можете да видите дека завршува проектот за уредување на кејот, потпорниот ѕид е изграден, следуваат активности за уредување на инфраструктурата и хортикултурно уредување со што Пештани ќе добие убаво уредено шеталиште покрај езерото, рече Бакрачески.

Задоволство од извршените зафати искажаа и од месната заедница, од каде се надеваат дека локалната самоуправа ќе помогне во решавање и на останатите проблеми со кои се соочуваат жителите.

Задоволни сме од изградбата на потпорниот ѕид, одамна ова го баравме поради поплавите кои се случуваа. Очекуваме и повеќе од локалната самоуправа, да се уреди плажата во Пештани, да се обезбедат чамците, изјави Љубе Бубески од месната заедница.

Во изминатите месеци во Пештани се изврши и асфалтирање на улицата „Стевче Илоски“, а се уредуваат и две помали улички со цел Пештани подготвено да ја дочека претстојната туристичка сезона.

OhridNews