Со врачувањето на сертификатите за учество, денеска, во родното село на великанот на поетското создавање кај нас, особено во детската литература, Црвена Вода, заврши седмиот по ред Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.
Учесниците, млади поети од Турција, Грција, Србија, Албанија и Македонија, имаа прилика да ја посетат родната куќа на Николески, како и Спомен собата, при што, и во оваа прилика, беа оставени нови примероци во Збирката документи поврзани со овој автор на проза и поезија.
Едно од неговите култни дела е романот “Волшебното самарче”, по кој е снимен и игран филм.
Покрај во селото Црвена Вода, во изминатите три дена, реализирани се бројни содржини во Охрид, Струга, Лерин,Грција и Пустец, Албанија.
Во Глобочани, кај Пустец, настапија поред монументот на албанскиот литерарен автор од македонско потекло, Спасе Стерјо, а го разгледаа и Спомен музејот поосветен на овој познат авгтор.
Манифестацијата, секоја година, се отвора во Централното основно училиште “Ванчо Николески”во Лескоец, крај Охрид, единствената институција која го носи името на бардот на македонската литература за деца и млади, во Македонија.
Професорите и учениците, приредуваат културно уметничка програма за своите драги гости, по што, заедно, секоја година, во Алејата на заслужните на “Градските гробишта” во Охрид, учесниците, положуваат цвеќе на вечното живеалиште на Ванчо Николески.
Секоја година, тие имаат средба со шефот на државата, годинава претседателката Гордана Сиљаноска Давкова, која им испрати и специјално Послание.
Во име на финансискиот покровител и поддрржувач на манифестацијата, учесниците ги прими и ги поздрави претседателот на Советот на општина Охрид, Перчо Божиноски.
Младите литерати, за цело време, другаруваа и твореа под креативната грижа и поука од страна на нашиот познат автор и педагог, професор – др Христо Петровски.
Во рамките на воспоставената традиционална соработка, учесниците, беа во можност да ги следат манифестациите на Струшките вечери на поезијата.
Годинава, гости на манифестацијата беа и група нашинци кои живеат во Австралија, а кои, исто така, го слават името и делото на Ванчо Николески, за што, пошироки информации добија од страна на познатиот македонски активист, Наум Трајчески, поет и претседател на Литературното друштво “Ванчо Николески” од Квинбеј.
Организатор е Здружението за култура и лкитература МАЦКОВО, а во име на Покровителот – Светската академија напоезијата од Верона, Италија, специјално Послание им испрати поетот Мајо Даниловиќ, координатор на Академијата за целиот словенски свет.
OhridNews