Со ревијален дел, на кој десетте млади гитаристи – учесници ги презентираа своите квалитети, заврши Меѓународната летна школа по класична гитара. Во двата работни дена, мастер часови во просториите на ОМУ Методи Патче, одржа реномираниот бугарски уметник и професорка Стела Митев Динкова. Летната школа по класична гитара беше вистинска можност за учесниците да го прошират и надградат своето знаење, одлична прилика да се надминат разни мелодички и технички проблеми односно да постигнат севкупно усовршување.

„Посебна благодарност на организаторите, на мојот колега професор Александар Крастаноски, но и на Музичкото училиште „Методи Патче“ од Охрид, затоа што просторииве каде што се одржуваше школата се одлични. Ќе направам се следната година да доведам и луѓе од Бугарија во ова прекрасно место да ја доживеат оваа убава атмосфера. Децата беа многу талентирани и многу брзо учат.“ изјави професорката Митева Динкова.

Организатори на Школата беа Здружението Е КУЛ ТУР од Охрид, и тоа Спаско Костоски (организација), Александар Трајков (технички дел) и Александар Крстаноски како програмски директор.

„Доведовме врвна професорка од Бугарија г-ѓа Стела Митева Димкова  за која сум сигурен дека ги пренесе своите квалитети и знаења врз учесниците на школата. Ова е прва меѓународна школа по класична гитара и убеден сум дека нема да биде последна, се надевам дека следната година ќе одиме со повеќе ресурси  и со повеќе учесници.“ рече Спаско Костоски од Е КУЛ ТУР.

Учениците кои беа дел од неа велат дека се горди што имале можност познатата професорка од Бугарија да им ги пренесе своите знаења и искуства. Работејќи со професор од врвен квалитет се здобија со самодоверба и сигурност неопходна за идни јавни настапи. 
OhridNews