Блокот опозициски партии, предводени од СДСМ, го завршија протестот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, пренесува „Макфакс“.

Протестот започна точно напладне, а пред насобраните говореше лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

„Цели седум години сме заложници на Никола Груевски и на мала група луѓе од ВМРО – ДПМНЕ. Во Македонија нема Влада, нема премиер на држава..Во Македонија има само премиер на една партија која владее диктаторски, која шверцерски изгласува буџет, која употребува сила врз сите неистомисленици, каде вработувањата се можни само доколку имате партиска книшка на ВМРО – ДПМНЕ, каде власта ги контролира медиумите и се дрзнува да употребува сила врз новинарите.Затоа денеска се собравме пред седиштето на ВМРО – ДПМНЕ, пред зградата во која се носат сите одлуки на штета на Македонија и нејзиниот народ“, рече Црвенковски.

Според него, опозицијата ја има поддршката од народот и дека ќе се борат сè додека не падне Владата.

Пред присутните говореше и поранешниот собраниски спикер, Стојан Андов, кој рече дека она што се случувало во Собранието е противуставно.

Протестот траеше еден час, по што присутните мирно се разотидоа.

Опозицијата најави дека протестите ќе продолжат по новогодишните празници.

OhridNews
извор:„Макфакс“