Вековната традиција на вевчанските василичари заврши со традиционалното палење на маските во центарот на селото.

По дводневните акробации, хумор и сатира низ вевчанските улици, василичарите попладнево симболично го избркаа злото и со верба за среќа и бериќет во текот на претстојната година ја завршија годинашната матифестација Вевчански карневал.

На дефилето под маски покрај традиционалните зет, невеста, ѓаволите и Глупавите Августи, на сатиричен начин вевчанци ги прикажаа мигрантската криза, состојбата во судството, политичката состојба во државата, војната во Украина, запирањето пари и нафта од американскиот претседател Трамп за Куба… Големо внимание привлече групната маска во кампањата за локалните избори на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, како и кампањата на движењето ЗНАМ. Не беа заборавени ниту претседателите на Русија, Владимир Путин и на САД, Доналд Трамп, инвестиците во Дубаи, виртуелната министерка во албанската Влада, а во Вевчани „дојде“ и „Шареното племе“ од Африка да го избрка злото…

Вевчанци уште од утре ќе почнат да планираат во што ќе се маскираат следната година. Добро познато е дека вевчанци ќе кажат се, но, до карневалското дефиле не откриваат во што ќе се маскираат. Инспирирани од актуелните случувања во државата и светот на сатиричен начин ги исмеваат, но и упатуваат силни пораки кон политичарите и општеството.

OhridNews