Заврши конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот од најстарата зачувана црква од 14 век, Св. Богородица Заумска во близина на Трпејца, информираат од министерството за култура.

Конзерваторските зафати за санација на овој извонредно значаен фрескоживопис кој е дел од проектот на Министерството за култура, а во рамките на Програмата за заштита на културното наследство,  продолжуваат во 2014 година.

Пред неколку години на црквата  која претставува едно од најзначајните поединечно заштитени споменички добра на територијата на Македонија и пошироко беа преземени интервенции за конзервација на кровот и кровната конструкција, а по извршените анализи на стручните екипи на охридскиот Завод и музеј се пристапи кон конзервација на нејзиниот фрескоживопис.

Според зачуваниот натпис, црквата „Св. Богородица Заумска“, која се наоѓа на источниот брег од Охридското езеро, во непосредна близина на селото Трпејца, била подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур за време на деволскиот епископ Григорие. Најновите истражувања покажуваат дека потекнува од тринаести век.

OhridNews