Градбата на поткровјето во гимназиската зграда започна уште во 2006 година, а се реализира со средства од локалната самоуправа и Светската банка.
Како што информира директорот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, Наум Рилкоски, на просторот од околу 1000 метри квадратни, предвидено е да бидат сместени неколку кабинети за настава, како и една просторија во која ќе бидат изложени фотографии и записи за историјатот на зградата од самото нејзино градење, па се до денес.

Во рамки на програмата за одбележување на патронот на училиштето ОСУ „Св. Климент Охридски“ предвидени се бројни активности преку целата недела.
Во вторник со почеток во 20 часот, во Центарот за култура ќе се оддржи хуманитарен концерт под покровителство на градоначалникот Александар Петрески- Вечер на странските јазици. Во среда ќе се изврши промоција на проектот „Како да успееме“, а во петок е предвиден хуманитарен спортски настан кој ќе се реализира во соработка со Црвениот крст под мотото: “Со велосипед до похуман свет”.
Во сабота, по свеченото пуштање во употреба на поткровјето од гимназиската зграда ќе се изврши и промоцијата на монографијата “Охридската гимназија” од д-р Павле Митрески.
Свечената академија е предвидено да започне во 19:30 часот во Центарот за култура.














