Претстојната, дванаесетта сезона на телевизиската серија „Two and a Half Men“ воедно ќе биде и последна, соопшти американската телевизиска мрежа CBS.

Авторите на оваа популарна ситком серија, се Чак Лори и Ли Аронсон, а во првите осум сезони во неа глумеа Чарли Шин, Џон Крајер и Ангус Т. Џоунс. 

Шин во меѓувреме се скара со Чак Лори и ја напушти серијата, а Џоунс повеќе не глуми во неа затоа што ја нарече серијата „ѓубре”. Сега, во серијата покрај Крајер во главните улоги играат Ештон Качер и Ембер Темблин.

„Чак Лори смисли голем настан што ќе се одвива во текот на цела сезона. Неодамна имавме голем успех со завршувањето на серијата ‘How I Met Your Mother’ на сличен начин. Чак е многу возбуден околу ова, има некои одлични идеи и ветуваме големи изненадувања”, соопшти претставничката на CBS, Нина Таслер.

Телевизијата ги негираше гласините дека Чарли Шин би можел да се појави во последната епизода како изненадување.

Со заминувањето на Шин, гледаноста на серијата е во постојан пад. И токму тоа е причината за гасење на серијата, пишува Holywood Reporter. Освен тоа, снимањето на серијата не било воопшто ефтино, а доволно е да се спомене дека Качер од епизода заработува по 700.000 долари, во минатата сезона, а Џон Крајер по 620.000 долари.

OhridNews
извор:„Макфакс“