Програмата „Училишта без пластика” веќе стартуваше со садење на генерациските дрвца на првоодделенци и учениците од прва година во училиштата.
Првата година оваа програма беше спроведувана во четири основни училишта во Охрид, оваа година на наша радост на програмата се приклучија уште три основни училишта и средните училишта, велат од Збогум Буково.
Целта на програмата е поставување на одржлив и функционален систем за селекција на пластика, метал, хартија и ситен електронски отпад во училиштата. Според програмата училиштата формираат или ги задолжуваат веќе постоечките еко-секции во рамките на училиштето коишто покрај тоа што работат на воспоставување на овој систем за селекција земаат учество и во дополнителни едукативни и креативни работилници за најголемите загадувачи како пластиката, текстилот и учат за практични примери за рециклирање или реупотреба на селектираните фракции отпад. Еко-секциите како водечки ентитет во училиштата имаат должност за дисеминација на стекнатото знаење и позитивни пракцс на своите соученици во сите одделенија и класови, посочуваат.
Во програмата, велат од Збогум Буково, се планирани и неколку настани и теренски акции како пошумување, садење дрвја во урбана средина, еко-пазарот на алишта и предмети на втора рака.
Вклучени се и активности за обележување на глобални и европски денови значајни за одржливиот развој на градовите со цел подигање на свеста за загадувањето, потребата од зелени површини, потребата од алтернативни начини за транспорт и одржливи пракси во секојдневното живеење, додаваат.
Оваа програма се спроведува веќе втора година во соработка со Ј.П. Охридски Коминалец, Енхелеус Лихнид, Пакомак и Нула Отпад, Скопје.
OhridNews