– Оваа година на семинарот имаме 112 студенти. Бројката кажува многу, дека заинтересираност постои не само од славистите, има студенти од Кореа, од поголемиот број европски земји така што тој интерес секоја година е се поголем, вели лекторот Лидија Тантуровска.
Меѓу посетителите на летната школа има студенти кои добро го владеат јазикот, но и почетници на кои предавањата и разговорот со колегите им се од исклучителна помош.
– Малку зборувам но многу разбирам македонски. Јас сум почетен курс, добро оди не е тешко. Се инстересирам за македонската култура, јазикот, за македонската музика, која многу ја слушам, изјави Агњишка Шкрчек, студент од Полска.
На московскиот државен универзитет „Ломоносов“ македонскиот јазик се изучува од 1975 година, а оваа година со студии започна осмата генерациија слависти, кои јазикот го усовршуваат во Охрид.
– Имаме 5 студентки во таа генерација. Опстојуваме и покрај тоа што славистиката сега се соочува со потешкотии. Се помалку студенти се запишуваат на славистика за жал, но еве македонскиот јазик ужива интерес и имаме прекрасна нова група, истакна Елена Вережникова, професор на московскиот државен универзитет „Ломоносов“.
Меѓу учесниците на семинарот има и докторанти. Дејв Вилсон, етномузиколог и музичар од САД прв пат дошол во Македонија пред 7 години и се вљубил во македонската народна музика. Соработува со музичари од земјава на етно-џез проекти, а неговиот докторат, кој штотуку го започнал ќе биде на тема македонската народна музика.
– Имам уште две години часови. После тоа ќе се вратам во Македонија, а имам можност и студиски да престојувам тука една година. Ќе пишувам докторска дисертација, а потоа можеби и книга на англиски јазик за македонската народна музика, а можеби и за поп музиката, за Тоше Проески и за најважните работи од македонската музика, најавува Дејв Вилсон.
За Учесниците на 44 Меѓународен семинар за македонски јазик литература и култура предвидени се и повеќе научни екскурзии и посети на културно историски знаменитости. Семинарот завршува на 12 јули.