Возобновувањето на убавата охридска традиција за масовно одбележување на Богојавление во Охрид на почетокот на деведесеттите години од минатиот век започна во култниот ресторан Св. Софија во стариот дел на Охрид. И оваа година на Водици во убавата охридска традиција во „Св. Софија“ уживаа голем број гости, како домашни, така и странски посетители.
Преубавата празична атмосфера беше збогатена и со посетата на фаќачот на крстот, 19-годишниот Васко Довлев од Варош и неговата тајфа, како и со звуците на песната „Во Јордание“.
По традиција присутните го бакнуваа и крстот за здравје. Во знак на почит и внимание, познатиот охридски занаетчија Митко Укоески на фаќачот на крстот му подари специјален подарок – Филигран со македонски рубин.
Емоциите се преубави. Можам да кажам највесел ден во мојот живот. Уште од мал ми беше голема желба да го фатам крстот и денес ми се исполни. Најголема препорака до сите која можам да ја дадам е верба во Бог, повеќе одење во црква, повеќе пости, да се тргнеме од некои материјални работи, да се посветеме малку повеќе на Господ и ова да не го сватиме како натпревар, туку како начин да му се молиме и удоволиме на Господ, рече Довлев, додавајќи дека за фаќањето на крстот сите се радувале со него како тие да го фатиле.
Сопственикот на ресторанот Св. Софија, Димитри Пендовски, вели дека радоста што на овој празник е неизмерна. Му посака среќа на фаќачот, посочувајќи го значењето на Водици за Охрид.
Чест ни е што фаќачот на крстот и оваа година ја сподели радоста со нас во ресторанот Св. Софија и што продолжува една убава традиција. Посакувам оваа година да биде бериќетна и успешна за сите, а на следните Водици Охрид да привлече уште повеќе гости. – рече познатиот угостител Пендовски.
Во ресторанот „Св. Софија“ е формирано и здружението Богојавление кое долги години го организираше културно забавниот дел од празникот Водици како поддршка на Дебарско – кичевската епархија. Во 2015 година здружението се повлече од организацијата и истата ја препушти на црквата и градот.
Ресторанот „Св. Софија“ останува и натаму да биде изворот на една убава традиција која го промовира и афирмира Охрид.