Членови и симпатизери на здружената опозиција вечерва половина час го блокираа сообраќајот на кружниот тек на пресекот помеѓу улиците „7-ми Ноември “и „Питу Гули“. Извикувајќи пароли против актуелната власт и премиерот тие го искажаа револтот, од како што рекоа, недемократското донесување на буџетот и немилите случувања во и надвор од законодавниот дом.


Протестираме против вчерашната одлука на владејачката партија која што го изгласа буџетот на еден недемократски начин и не би посакал таква работа да се повтори никогаш повеќе, без оглед кој ќе дојде на власт во иднина.-изјави учесник во протестот.

-Донесувањето на буџетот без присуство на опозицијата која брутално беше исфрлена од Собранието е чин за секоја осуда.-додаде друг учесник во протестот.


На протестите во првите редови беше и градоначалникот на Охрид Александар Петрески. Тој истакна дека од денеска започнува општа граѓанска непослушност и блокада на улиците низ градовите ширум земјата во времетраење од половина час.

-Охрид е блокиран 7 години и сега власта ќе биде блокирана. Целта е да видат граѓаните на општина Охрид дека во Македонија умира демократијата и дека е прекршен Уставот токму од Владата на РМ, а ако највисоките луѓе во хиерархијата го кршат Уставот, тогаш мора охриѓани и цела Македонија да се бидат свесни за тоа.-изјави градоначалникот Петрески.


Протестот кој за цело време беше обезбедуван од полицијата мина во напната атмосфера, а тензиите пораснаа кога дел од возилата во долгите колони кои се создадоа на околните сообраќајници се обидоа насила да минат преку блокадата. Во првиот случај возачка на автомобил влезе во конфликт со група протестанти, но се заврши без инцидент. Во вториот случај автобус кој се обраќаше на локална линија се обиде да мине низ толпата која возврати со удари по возилото при што настрада возачкото стакло. Возачот на автобусот во паника се проби низ барикадите и околните возила кои беа блокирани, при што дојде и до мал инцидент.



Од АД „Галеб“ во чија сопственост е автобусот го потврдија инцидентот. Оттаму соопштија дека автобусот бил блокиран и не можел да се врати во рикверц, а бидејќи бил обврзан навреме да стигне на дестинацијата возачотсе обидел полека преку тротоар да ја заобиколи блокадата, што предизвикало реакција на протестантите кои притоа го оштетиле автобусот. Оттаму уште додаваат дека инциденот е целосно документиран од полицијата која најавила поднесување на пријава против непознато лице за напад и оштетување на возило.

 


Инаку, за време на протестот беа пропуштани возилата на итната медицинска помош кои интервенираа при сообраќајна несреќа која се случи во близина на протестот, а во која според првичните официјални информации полесно е повредено едно лице.

Здружената опозиција најави дека протестите во Охрид утре ќе продолжат во 18 часот на градскиот плоштад.

Г. Момироски