– Овде сме да афирмираме еден огромен проблем со кој се соочува општина Охрид и да ја потсетиме министерката за култура за лажните ветувања кои се одлика на оваа влада во сите изминати години. Срамно е и жално еден град на културата да нема библиотека и да пропаѓаат 150.000 книги со огромно значење , сместени во пакети и во 150 метри квадратни. Две години од страна на министерката за култура се кажува дека проблемот ќе се реши, изјави на протестот пратеникот од СДСМ, Митре Велјаноски.
Како што кажа Велјаноски, протестите ќе продолжат се додека не се реши политичката криза во земјата.
– Со протестите ќе потсетуваме за сите лаги и промашувања на владата со кои се служи изминатите години. Протести ќе има во цела Македонија пред државните институции, рече Велјаноски.
Тој го повтори ставот на СДСМ дека решавање на кризата е можно само со предвремени парламентарни избори, затоа што сите институции, пред се парламентот го изгубиле кредибилитетот.
Велјаноски изрази надеж дека ќе се изнајде решение и постигне договор и како што кажа, верува дека власта барем еднаш ќе ги стави државните интереси пред партиските.