Повеќе стотини граѓани учествуваа на мирниот протест на Здружената опозција што вечерва се одржа на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во центарот на Охрид. Со свеќи во рацете тие го изразија своето незадоволство, од како што рекоа, недемократското владеење во земјата.

На големиот лед дисплеј на плоштадот се емитуваше изјава од лидерот на СДСМ,како и сегменти од завчерашните случувања во македонското Собрание.

На присутните им се обрати пратеникот од редовите на СДСМ, Митре Велјаноски, кој истакна дека на 24 декември 2012 година историјата ќе запише дека била згазена парламентарната демократија во Република Македонија, бил згазен парламентот и биле згазени пратениците и новинарите.

– Во сон не можеше да замисли, ни во најцрното сценарио дека може власта да посегне преку пратениците директно на македонскиот народ од кој сме избрани. Најпрвин ги влечеа новинарите од галеријата и кога мислеа дека нема слика влегоа 50-на специјалци кои насилно со влечење и удирање не извлекоа од салата. Ова не се случило никаде во светот, ни во најцрните диктаторски режими не е случено специјалци да влезат и да ги тепаат пратениците, се само за да продолжат со насилничко владеење и да трошат народни пари за изборни цели, рече Велјаноски.


Митре Велјаноски

Тој посочи дека пратениците биле брутално тепани само затоа што побарале да запре нерационалното трошење, односно да се скратат 204 милиони евра од буџетот за да нема натамошно задолжување на државата, на што било возвртанео со сила.

-Ние имаме историска одговорност да се спротиставиме на оваа власт и да го спречиме ова лудило и по цена на нашите животи. Ќе одиме до крај во одбрана на уставниот поредок, мора да ја вратиме правната држава, мора да ја вратиме иднината на македонскиот народ.-додаде Велјаноски, посочувајќи дека свеќите кои граѓаните ги држеа во рацете се симболика на темнината која надвиснала над Македонија.

По половина час насобраните граѓани мирно се разотидоа, со најава дека протестите утре ќе продолжат на истото место и во истото време.

OhridNews