Највисока стапка на инциденца на исхемичен мозочен удар во светот, со 214,4 нови случаи на 100.000 лица се бележи во Република Северна Македонија, а земјава води и по стапката на смртност од мозочен удар, со 216,9 смртни случаи на 100.000 лица, како и по бројот на изгубени години на здрав живот, покажуваат податоците од Глобалното истражување на болести (Global Burden of Disease Study) за 2021 година.
Овие податоци укажуваат на сериозната здравствена состојба во земјата и ја нагласуваат потребата од итна имплементација на стандардизирани протоколи за третман на мозочен удар, особено во претхоспиталната фаза, со цел намалување на смртноста и инвалидитетот поврзан со оваа болест, велат од Здружение на лекари Охрид.
Во регионот на Југозападна Македонија, потенцираат, постои итна потреба за воведување и имплементација на стандардизирани протоколи за дијагноза и третман на мозочен удар, со цел да се подобрат исходите кај пациентите.
Особено значајна е улогата на претхоспиталната фаза, каде брзата и точна препознавање на симптомите од страна на тимовите на Итна медицинска помош и ефикасниот транспорт до стручни центри за мозочен удар, се клучни за успешна интервенција. Во овој контекст, стандардизацијата на третманот и едукацијата на здравствените работници се основни елементи за подобрување на квалитетот на грижата и намалување на времето од појава на симптомите до почеток на третманот, потенцираат од Здружението.
Во оваа насока, водени од претходно изнесените загрижувачки податоци, Здружението утре организира работилница за мозочен удар во големата сала на Општина Охрид со почеток во 14.30 часот.
OhridNews