Во овие тешки времиња кога се забораваат основните вредности и постулати на слободата на Македонското тло и споменот на нејзините творци се повеќе избледува, дозволете да се потсетиме, а истовремено и младите генерации да ги потсетиме на значењето и на истрајната симболика на денешниот датум, 11-ти Октомври! Денес е мигот на мало приспомнување на најхрабрите во својата генерација, вградени во колективната Македонска историја, посебно од периодот на Втората Светска Војна, денес толку склона на прекројување, на оспорување и на повторно пишување!, велат од Здружение “Титоисти”, Охрид, по повод празникот 11-ти октомври Ден на народното востание.

Нивните заслуги за трасирањето на патеките на модерната држава, Република Македонија, имаат исклучително голема важност и крајно позитивни резултати! Историјата треба да го потсети Македонскиот народ на сите негови синови од можеби најзначајната епопеја во битката за наше парче татковина, Народноослободителната Војна се нераскинливо испреплетени и поврзани со непокорот и со нескршливиот дух на Македонските илинденци, но и со сите оние кои низ вековите бдееле над земјава!, велат во честитката од здружението.

Додаваат дека не смееме да дозволиме новите државни елити да ја менуваат историската подлога и да ги минимизираат улогата и значењето на едните наспроти другите, затоа што на тој начин ќе бидеме одговорни пред нашите предци, но првенствено, пред оние кои што ќе дојдат по нас! Македонија мора и треба да им оддаде максимална почит на симболите на нејзиното слободарско минато чии дела неминовно треба да се преточат не само во сегашноста, меѓутоа и во иднината! – велат.

Тие се олицетворение на младешките идеали на партизаните како достојни продолжувачи на светата Илинденска мисија за независна и слободна држава, на оние млади луѓе кои ги положија сопствените животни приказни за некои нови идни генерации да ги сонуваат нивните прерано прекинати и неотсонувани соништа, во едно друго и поубаво време, на кое сме сведоци токму ние! Честит празник!, велат во честитката поповод празникот од Здружение “Титоисти”, Охрид.

OhridNews