Активистите од здружението ЕКО ФАП од Охрид реставрираа стари противпожарни возила кои беа исфрлени од употреба и ги ставија во функција на градот Охрид. На овој начин го развиваат второто одделение на Здружението – доброволна противпожарна заштита. Здружението го презентираше возилото пред охриѓани денес на градското пристаниште.

Ние како волонтерско здружение немаме големи средства за вложување во техника и технологија и затоа дојдовме до идеја да се обратиме до Локалната самоуправа во Охрид и Локалната самоуправа во Скопје да ни ги донираат старите противпожарни возила  кои ги поседуваат, со цел да ги реставрираме и да ги ставиме во функција. Бидејќи се специјализирани возила за гасење пожар, не сакавме да ги пренаменуваме за еколошка намена и оттука произлезе идејата тие возила да ги оспособиме и да ги ставиме во функција во хуманитарната компонента на здружението. На овој начин го развиваме одделението за доброволна противпожарна заштита, кое  е подготвено да излезе во пресрет на Територијалните противпожарни станици, вели претседателот на здружението Горан Устијаноски.

Моментално две противпожарни возила се комплетно реставрирани, а здружението поседува уште две на кои ќе се работи во текот на зимата. Планирана е и професионална обука на членовите од ЕКО-ФАП за да можат да делуваат доколку е потребно.

Устијаноски вели дека појдовната точка на „ЕКО-ФАП “ уште пред две години  била да придонесат за градот,  првенствено со тоа што ќе делуваат во доменот на екологијата, односно чистење на дивите депонии во природа.

 

Со оглед на тоа дека живееме во еден од најубавите градови на Балканот и во Европа, потребно е секој еден којшто живее во Охрид, некако неформално да му се оддолжи. Ние сметавме дека можеме да придонесеме со тоа што ќе ги исчистиме дивите депонии од некои ударни места или некои места во природата, во НП Галичица и околу брегот на Охридското Езеро. На овој начин, барем еден мал дел го земаме како душевен данок, којшто ние како охриѓани треба да му го дадеме на нашиот град, истакна Устијаноски.

Досега Здружението има реализирано околу 30 акции за подигање на кабаст отпад, а учествуваат како партнери и во акциите на останатите здруженија од градот на кои им е потребна помош во подигање на отпадот. Устијаноски додаде, дека во април е планирана промоција на активностите на здружението, а дотогаш покрај реставрирањето на уште две противпожарни возила, планираат  во функција да стават и стар автобус, донација од ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, кој што ќе служи за активностите на активистите од ЕКО-ФАП на терен.

К.А.