Делегација на Здружението на инвалиди на трудот од Охрид деновиве оствари средба со градоначалникот  Никола Бакрачески. Претседателот на здружението Благоја Крстаноски, секретарот Сребре Петроски и претседателката на активот на жени инвалиди на трудот Ленче Филческа, на средбата го запознале градоначалникот со планот и програмата за работа на здружението и проблемите со кои тоа се соочува. 


Најголем проблем на здружението се просториите за работа, исто така била истакната потребата од помош при реализација на активностите и учество на манифестации, спортски игри и екскурзии, а станало збор и за поддршка на хуманитарните проекти за помош на болниците во Демир Капија, Бардовци, Банско и др. центри. На средбата се разговарало и за субвенционирање на трошоците за одредени јавни давачки, бесплатен градски превоз за пензионирани инвалиди на трудот, бесплатна правна помош и друго.

Од градоначалникот Бакрачески претставниците на Здружението на инвалиди на трудот Охрид, кое брои 1800 члена, добиле ветување дека локалната самоуправа во рамки на своите можности ќе ги помага активностите на здружението.

OhridNews