Подобри услови за заштита на работниците на нивните работни места со цел да се намали бројот на инвалиди е една од главните заложби на Здружението на инвалиди на трудот од Охрид. Ова беше истакнато на Свечената седница која се одржа денеска по повод Меѓународниот ден на лица со посебни потреби.

-Со процесот на технолошки развој на претпријатијата се јавуваат и повреди на работните места, поради кои се појавуваат инвалидитети кај работниците. Бројот на инвалиди на трудот  континуирано се зголемува и затоа ние како членови и претседателството на здружението имаме задача да се заложиме за воведување на подобри услови за заштита при работа. Исто така на лицата кои ќе станат инвалиди во текот на работниот ангажман, настојуваме во нашите можности да им помогнеме со внимание и помош за нив и за нивните семејства, вели Климо Димоски од претседателството на охридското Здружение на инвалиди на трудот.

Инаку Здружението на инвалиди на трудот од Охрид брои 1.450 членови, кои со новите прописи од 2012 година доброволно пристапуваат во здружението со своја изјава и потпис. Здружението годинава ќе прослави 50 години од своето формирање.

OhridNews