Пет победи во шест меча за “зелените“ од Виена кои по ремито во Плзен меѓу домаќинот Викторија и Виљареал 3-3 мечевите ги завршија како првопласирани во Е групата.

Мечот број 70 во Европа, нема по добро да го памти капитенот и рекордер по бројот на настапи Штефан Хофман, кој во 20 минута не реализираше удар од белата точка. 

Неговата грешка неколку минути подоцна ја исправи Максимилијан Хофман кој со првиот гол сезонава ги доведе домаќините во водство. Овој резултат беше актуелен се до 59 минута кога Матеј Јелич со својот еуродебитантски гол во зелениот дрес ја дуплираше предноста.

Неколку минути подoцна резервистот Ел Мунир со соло продор го намали резултатот на 2-1. Тој постигна погодок откако мина само 14 секунди на теренот.

До крајот на мечот домашните фудбалери успеаа да ја сочуваат предноста и сосема заслужно ја прославија победата и пласманот на табела со домашната публика (34800 гледачи) која беше пристуна на овој меч.

– Одигравме фантастично во Европа оваа сезона. Јас сум горд што сум тренер на ваква екипа. – рече стратегот на Рапид, Зоран Баришич.

Запрашан околу наредниот противник и евентуалните посакувани ривали, тој низ смеа рече. – Момците во полуфинале ја посакуваат Борусија Дортмунд, а во финалето е се можно – заврши Баришич.

Ждрепката за елиминациската фаза од Лигата на Европа е во понеделник во 13 часот. Рапид како првопласиран ќе се најде во групата носители.

М.П.