Во изминатите 4 години ЗЕЛС направи многу во подобрување на условите за развој на општините, пред се со враќањето на градежното земјиште,  легализацијата на дивоградбите и зголемување на капацитетите на администрацијата, но впечаток е дека можело да се направи многу повеќе. Ова меѓу другото можеше да се чуе од градоначалниците кои во Охрид учествуваа на Генералното собрание на ЗЕЛС, последно во овој состав.

Најмногу забелешки градоначалниците имаат во делот на распределба на средствата од даноци. Како причините зошто овој процес многу бавно се одвива,  дел од градоначалниците ја посочуваат политичката зависност на општините.

-Мнозинството општини се од владејачките партии. Тие имаат еден исти претседател кој што е и претседател на влада и имаат многу мала можност да се спротистават на истиот тој претседател и оваа вечна битка помеѓу локалната и централната власт во борбата на интереси заради децентрализација на надлежностите овие 4 години беше изгубена. Тоа не значи дека нема резултати. Тоа значи дека можело да има многу големи резултати но не се постигнати
.-изјави Зоран Заев, градоначалник на Струмица.

И натаму главна заложба на ЗЕЛС е зголемување на процентот на средства од ДДВ  за општините од  сегашните 3 на 6 проценти, како и на средствата од персоналниот данок од 3 на 30 проценти, што ќе овозможи подобра финансиска стабилност на локалните самоуправи. Меѓу приоритетите е и  формирање на ЗЕЛС банка преку која ќе се кредитираат општините по поповолни услови, за што интерес пројавиле и инвеститори од странство.

-Клиенти во таа банка да бидат само општините додека акционери да можат да бидат и други институции. Имаме најава од странски инвеститори кои сакаат да донираат или да вложат капитал со што оваа банка ќе биде навистина од корист на општините.-рече Коце Трајановски, претседател на ЗЕЛС.

Трајановски истакна дека процесот на децентрализација треба да продолжи, а темпото со кое ќе се одвива во голема мера ќе зависи и од подобрувањето на капацитетите на општините, кои,  како што нагласи, треба да ја убедат државата дека се подготвени да ги преземат надлежностите од неа.

Г. Момироски