Состојбата во УИНТ „Св. Апостол Павле“ од Охрид е сеуште тензична и заплеткана, a овластеното лице на установата во Централениот регистар Нинослав Марина, кој што имаше обврска да постапи според Решението на Државниот просветен инспекторат од 13.03.2013 година, не постапил според ниту еден налог и покрај тоа што за тоа имаше рок од 3 дена, вели привремениот претседавач на Универзитетскиот сенат на универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Проф. Д- р Рубин Земон.

– Универзитетскиот Сенат постапи според Решението на Државниот просветен инспекорат, на седницата одржана на ден 19.03.2013 година и за тоа го информира истиот со допис од 20.03.2013 година. На седницата на Сенатот, покрај другите одлуки се поништи одлуката за избор на Нинослав Марина за ректор од 31.07.2012 година, бидејќи истата е законски ништовна! Според тоа Нинослав Марина само врз основа на времената мерка што ја издаде Основниот Суд во Охрид од 15.03.2013,  ги запоседна печатите на Универзитетот, но не превзема никакви мерки со што го задолжи Државниот просветен инспекторат, ниту пак други тековни дејствија за кој е овластен според законите и статутот, вели Земон.

Тој додава дека во меѓувреме членови на Сенатот поднеле повеќе претставки и барања до надлежните државни органи за одредени сознанија за можни незаконски и коруптивни дејствија на Универзитетот.

– Покрај претставките до Државен управен инспекторат, Државнот завод за ревизија, Управната инспекција, Народниот правобранител, поднесена е и претстава до Државната комисија за спречување на корупцијата. Од сите овие барања и претставки се очекува надлежните државни институции во скоро време да се произнесат, вели проф. Земон.

Земон потенцира дека членовите на Сенатот подготвуваат материјали за да се поднесе и кривична пријава до Општинското јавно обвинителство, за да се испитаат одредени индиции за кривични прекршувања од страна на одговорни лица поврзани со случувањата во универзитетот.

OhridNews