Партијата за општествен и економски напредок – ПОЕН денеска во Охрид го одржа 5-от изборен Конгрес. Пред присутните се обрати досегашниот претседател на ПОЕН, д-р Рубин Земон кој истакна дека ПОЕН е подолг временски период активен и стабилен актер на политичката сцена на РС Македонија, а нејзините избраници, настапи и залагање во јавноста претставуваат значаен придонес во политичкото насочување и функционирање на македонската демократија.
Нашите членови имаат значаен придонес во донесување на судбоносните одлуки за Евроатланските аспирации на Републиката, но и во време кога се отвори патот за членување во НАТО, како и во време на потпишување на значајни договори за добрососедство со соседните земји. Партијата ПОЕН континуирано и сериозно ја афирмира и потврдува својата политичка програмска определба за европска ориентација на РС Македонија и за нејзиното вклучување во европското семејство на народи и држави, рече Земон.
Партијата целосно се залага за отворање и развивање на демократските процеси кај себе и на Балканскиот простор како и создавање клима на пријателство, соработка и добрососедски односи во политичката мапа на Балканските држави и приклучување кон Европската унија. ПОЕН како партија од политичкиот центар со либерал демократска провиненција во овој бурен период од македонската историја и политика е на страната на прогресивните сили, додаде Земон.
Денес пет години откога раководиме со државата може да се каже дека се успеја во мисијата на ослободување на заробената држава од претходниот режим, но се поставува легитимно прашање: Дали во 2022 година државата не потпадна под едно друго заробување кое Аристотел го нарекуваше етнократија. ПОЕН чиј принцип и градење на граѓанско општетсво не може да не забележи дека во сегашниот состав на Владата има само етнички македонски и етнички албанци. Ваков биетнички феномен во Владата не е познат од независноста на Македонија. Кога сме на тема мултикултурализам неможам во оваа прилика да не спомнам дека токму ПОЕН преку стратешки пристап го направи големиот исчекор општетството да се гради како едно. Националната стратегија за развој на концептот за едно општетство и интеркулртурализам претставува прва стратегија за интеркултурализам во Европа.

ПОЕН уште од основањето во 2014 година се изјасни дека Бугарите треба да се внесат во Преамбулата на Уставот. Пред две години кога се усвои таа фамозна операција на бугарскиот парламент ПОЕН излезе со став дека решението е во вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот и отворање катедра по бугарски јазик при Филолошкиот факултет во Скопје. На тој начин наједноставно и најуверливо се прави дистинкција помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и јазик. Но, кога станува збор за Преамбулата ПОЕН е на ставот за примена на Хрватскиот модел односно сите заедници што живеат во Македонија и кои ќе изразат интерес да бидат во Преамбулата, да се внесат. На тој начин се почитуваат државните конвенции. Со селективно одбегнување на делот од народи во Преамбулата без никакви стандарди и критериуми ќе се навлезе во уште една криза и повторно отворање на Уставот во Преамбулата и ќе се навлезе во нови фрустрации.
ПОЕН е свесна дека со членување во НАТО процесот на нејзиното влегување во европското семејство се уште не е завршен иако со Преспанскиот договор тоа требаше да се случи. На тој пат сеуште постојат бројни отворени прашања, вели.
Партијата и нејзиното членство се на став дека за членството во ЕУ се потребни уште многу напори и самоодрекувања на македонските граѓани. Но, оваа партија постојано го потхранува чуството во јавноста дека совладаните потешкотии и успешно реализираните подготовки на земјата за влез во ЕУ, на крајот на тој пат се отвора посакуваниот демократски развој и цивилизациски зрел простор за идните поколенија на македонската земја. За ПОЕН овој пат претставува предизвик во кој успешниот одговор ќе значи остварување на вековните стремежи на македонските граѓани за влез во ЕУ. Во барањата за тој одговор активно ќе учествува и ПОЕН, вели Земон.

На конгресот покрај членовите на партијата присуствуваа и Лазе Таневски пратеник од СДСМ во собранието, Бетон Бериша, претеседател на Либерална партија на египќани Косово и поранешен пратеник, Мики Милковски од НСДП, Наумче Лазаревски од Партијата на пензионери, Љупчо Јанески од ДОМ, Арбен Демировски Бено советник во општина Охрид, Ејхан Дурѓиши од НВО Торбешки мост.
Н.С.Ј.












